Само со одговорно новинарство ВИ е сојузник во работата на новинарите
декември 21, 2023 2023-12-21 13:21Само со одговорно новинарство ВИ е сојузник во работата на новинарите
Продуктите кои користат вештачка интелегенција (ВИ) создаваат дополнителна вредност во секојдневната работа па така и во новнарската, вели професорот од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Петре Ламески. Според него на Македонија ѝ е потребна различна стратегија за употребата на ВИ од онаа на Европската Унија (ЕУ), наместо згоемена регулација, рапиден развој на домашна индустрија, а со тоа и во новинарството.
Со употребата на вештачката интелегенција (ВИ) ќе се зголеми продуктивноста на новинарите, ќе можат побрзо да пишуваат текстови, да имаат побрз пристап до структурирани и објаснети информации и побрзо да ги учат новите вештини неопходни за работа во ера на висока технологија, дециден е универзитетскиот професор од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Петре Ламески. Сепак, предупредува тој, еден од проблемите на она што го генерираат апликациите, кои се базираат на ВИ, е тоа што резултатот не е 100 отсто точен и останува на корисникот добро да провери дали она што е направено е како што треба.
За научниците ВИ е реалност, за новинарството сѐ уште сива зона
Уиверзитетскиот професор од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Петре Ламески вели дека на компаниите и универзитетите во Македонија ја користат ВИ не им е далечна затоа што тие ја користат вештачката интелегенција во развојот на своите продукти, во своите истражувања и во своите проекти.
„На пример ФИНКИ, како најголем технички факултет во Македонија, редовно има проекти поврзани со вештачката интелигенција, како што се EuroCC2, Cleanbreathe, SP4LIFE и други. Исто така, ВИ се учи во предметите на студиските програми на додипломски студии и имаме неколку студиски програми на магистерски и докторски студии во кои студентите може да се стекнат со напредни вештини потребни за иновација и развој на продукти кои користат ВИ. Според информациите кои ги имам, повеќето наши технолошки компании, на еден или друг начин, во своите производи и процеси веќе воведуваат вештачка интелигенција. Впрочем, вештачката интелигенција е една од придобивките на дигитализацијата кои допрва доаѓаат секаде во светот“, вели Ламески.
Но не само во техничките науки. Професорките Елена Ончевска-Агер, Мира Беќар, Калина Малеска и Маја Јошевска, од Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ истражувале како може ВИ да се користи во науката за јазиците, нешто што е од важност и за новинарството. Па така тие пишувале резиме на долг текст и споредувале како ЧетГПТ го сумирал текстот, а пишувале и апстракти за конференција, а ВИ ја користеле како алатка за поврзување со одредена литература. Генералниот заклучок е дека
„Еден од начините да го избегнеме ризикот од банализирање е да гледаме на ВИ како на помошник или чирак, а не како на создавач. Да има улога да советува и да помага да се дојде до некое сознание, но не да го заменува професорот. ЧетГПТ има потенцијал, но како некој вид модератор, хостеса или асистент“, додаде Ончевска-Агер.
Токму затоа, професорот Ламески предупредува еден од проблемите на она што го генерираат апликациите, кои се базираат на ВИ, е тоа што резултатот не е 100 отсто точен и останува на корисникот добро да провери дали она што е направено е како што треба.
„Со развојот на ВИ добивме јазичен асистент, пандан на калкулаторот како асистент за аритметички операции. Разликата е во тоа што овој јазичниот „калкулатор“ понекогаш греши и она што го бараме од него треба да е добро и точно формулирано, на начин на кој без двоумење, ќе може да се разбере. Секако, без доменско знаење, на крајот постои опасност од погрешна интерпретација на она што ќе го даде ВИ како одговор“, вели Ламески.
ВИ во новинарството се употребува индивидуално и стихијно
Засега нема прецизни податоци за начините на кои Вештачката интелигенција се применува во домашните медиумски куќи. Искуството што го имавме со појавата на социјалните мрежи и нивното завлегување во медиумите околу 2010 година, покажа дека помалите новинарски редакции се повеќе подготвени за експериментирање со новите технологии и можности за пласирање на содржините. Гледано од таа логика, очекувањата се дека домашните портали и помалите медиуми, поради ограничениот број на работна сила, ќе бидат и веќе се меѓу првите што ќе се обидат, или се обидуваат, да ја користат вештачката интелигенција во нивното работење, вели новинарот и обучувач за медиумска писменост, Тоше Огњанов кој е еден од ретките што во својата работа ја користи ВИ интелегенцијата.
„Засега, состојбата на теренот не покажува дека постои масовно користење на вештачката интелигенција, во насока на креирање целосни текстуални и визуелни новинарски содржини, а уште помалку, пак, за создавање и цели телевизиски прилози. Сè уште е ниска употребата на ВИ и за создавање куси вести, со сервисни информации, кои се првото скалило во употребата на новата технологија како помошна алатка во новинарството. Тоа што се користи се најчесто алатките за превод, кои преку ВИ стануваат сè поусовршени. Така, искусниот читател, често може да забележи и кога цели текстови што се пласираат преку информативните портали, се всушност преводи направени преку некоја од ВИ алатките. Во некои случаи, новата технологија се користи и за креирање куси аудио и визуелни содржини што се пласираат на социјалните мрежи“, вели Огњанов.
И тој врпочем индивидуално ја користи ВИ во својата работа и тоа се најчесто алатки кои помагаат при пребарување податоци, анализи и содржини што се од доменот на неговиот интерес.
„Преку мобилен користам апликации кои самите селектираат информации што лично ги преферирам. Во некои случаи користам алатки и при подготовка на визуелни презентации, или, пак за титлување на нечија изјава во рамките на телевизиските прилози. Има и случаи кога алатките од ВИ ги вклучувам и во минимална обработка на фотографии и видеа, до степен што не ја нарушува новинарската етика и веродостојност на визуелните содржини“, вели Огњанов.
Со оглед на тоа дека работи како дописник за меѓународен медиум, слободата на избор за користење на ВИ во работењето засега е негов личен избор.
„Но, притоа има строги одредби кои мора да се почитуваат, без оглед дали се работи за медиумот за кој сум ангажиран, или се работи за кој било друг медиум. Правилото е дека сето тоа што е креирано преку ВИ, не смее да отстапува од постулатите за веродостојно, прецизно, непристрасно, објективно и етичко новинарско известување и работење“, вели Огњанов.
Професорот Ламески кој вели дека вештачката интелигенција се употребуваше и досега но со рапидниот развој на технологијата, особено развојот на големите јазични модели, ВИ почнува да функционира како личен асистент што овозможува рапидно зголемување на продуктивноста, особено во професиите како што е новинарството. Но и покрај ова не постои организирана форма или воспоставена практика на употребата на ВИ во македонското новинарство ниту пак каков било акт на регулација за употребата на вештачката интелегенија. Сѐ што засега се прави останува на индивидуалната желба и можност на новинарите да ги користат ВИ алатките во секојдневната работа.
„Вакви алатки веќе постојат и ги користевме во претходните 10 години, но во последните години работат многу подобро и попрецизно. На пример, можеме да напишеме првична верзија на некој текст и ВИ може да ни го лекторира текстот, да поправи граматички грешки, па дури и да го промени стилот на текстот во форма каква што сакаме да биде. Исто така, можеме да нафрлиме информации во неструктурирана форма и да оставиме ВИ да ни ги структурира и да ни ги среди информациите во форма која е разбирлива. Потоа, доколку имаме предолг текст, може да го скрати или доколку е прекраток да го прошири во контекстот на она што сакаме да го кажеме“, вели професор Ламески.
Одговорното новинарство е гаранција за избегнување на замките при употребата на ВИ
Најчести потенцијални замки во кои може да западнат новинарите кои користат алатки за вештачка интелигенција се можноста да се стори клевета ии навреда затоа што вештачката интелигенција може да генерира дезинформции и лажни вести. Со неодговорна употреба на ВИ, новинарите, намерно или не, можат да ја нарушат приватноста затоа што вештачка интелигенција може да генерира текстови кои би ја нарушиле приватноста на поединци или групи. И третата најчеста замка во која можат да паднат новинарите е нарушување на авторските права затоа што вештачката интелигенција генерирајќи новинарски текстови може да ги наруши правата на интелектуална сопственост на оригиналните автори или сопствениците на содржината што ја генерира вештачката интелегенција.
Но, новинарот Тоше Огњанов особено предупредува на уште една особено опасна замка, а тоа е изработката на видеа и фото содржини.
„Многу поопасна страна на ВИ е генерирањето дезинформации, кои можат да ги доведат читателите во заблуда, или, пак, да нанесат штета некому. Моќта на алатките за создавање визуелни и аудио содржини е толку голема и истите се толку усовршени што и искусно око во некои случаи може да биде измамено и да поверува во некоја содржина. Така видовме дека папата носи модерна јакна, или дека познати политичари одат заедно на филмска проекција облечени во розови палта. Тоа што навидум изгледа како шега, може да создаде сериозни штетни влијанија и несакани ефекти врз општеството“, предупредува Огњанов.
Затоа, ако новинарите сакаат да ја употребуваат ВИ, а сепак при тоа да не погрешат, тие мора да следат неколку едноставни правила.
„Сочувајте ја довербата и транспарентноста. Бидете јасни и искрени со својата публика. Секогаш наведете ја вештачката интелегенција ако сте ја користеле како извор и алатка во вашата работа. Бидете точни и непристрасни. Новинарите кои користат алатки за вештачка интелигенција треба да се погрижат податоците што ги користат да бидат веродостојни, релевантни, правични и избалансирани. Бидете одговорни и не заборавајте на човечкиот надзор. Новинарите кои користат алатки за вештачка интелигенција не треба да се потпираат само на резултатите од неа, туку треба да го искористат своето професионално расудување и уредувачка одговорност за проверка и уредување на содржината“, се наведува во Документот за политики на УНЕСКО, „Препораки за етиката и вештачката интелигенција“.
Националната стратегија за ВИ во Македонија остана само парче хартија
Иако Ламески не е поборник на „зголемена регулација“ на употребата на ВИ, тој потврдува дека недостаток на употребата на ВИ во нвинарството е тоа што сѐ уште „не се дефинирани правилата на игра“.
„Дали текстот генериран после моето прашање до системот е мој? Чие е авторството и чии се авторските права? Кој ја сноси одговорноста од евентуалните грешки? Другата голема негативност е тоа што, според мене, ќе се блокира развојот на оригиналната мисла и способноста за пишување на оригинални текстови. Моделите за длабоко учење, на кои што се засноваат овие продукти кои користат ВИ не се способни за оригинална мисла и за креирање на нови концепти надвор од она за кое што се тренирани“, објаснува Ламески.
Првиот обид во светот за сеопфатна регулација за употребата на вештачката интелегенција (ВИ) потекнува од Европската Унија односно од Европскиот парламент кој го изготви Европскиот акт за вештачка интелегенција. Обиди и напори да се дефинира и регулира употребата на вештачката интелегенција има и во САД, Обединетото Кралство, Африканската унија, Сингапур и 15 други земји меѓи кои и Кина.
Сепак, сегашната состојба на правилата не е ниту универзална ниту целосна и конечна.
Иако , Европската унија има донесено Стратегија за ВИ уште во 2018 година, сепак дури на почетокот на декември, претставниците и владите на земјите-членки се договорија за привремени услови за регулирање на генеративните системи како апликацијата ЧетГПТ (Provisional Agreement on AI Act) со дополнителни амандмани.
„Европа се позиционираше како пионер, сфаќајќи ја важноста на својата улога како глобален поставувач на стандарди. Ова е, верувам, историски ден“, рече европскиот комесар Тиери Бретон на прес-конференција.
Приоритет на ЕУ е да се осигура дека системите за ВИ се безбедни, транспарентни, недискриминирачки и еколошки. Со цел да се спречат штетни исходи и отстапувања, сите процеси треба да бидат надгледувани од луѓе, сметаат од Европскиот парламент.
Во предлог-законот се анализирани системите за вештачка интелигенција кои можат да се користат во различни апликации, а кои се класифицирани според ризикот што го претставуваат за корисниците. Различните нивоа на ризик ќе значат повеќе или помалку регулација.
Македонија е далеку дури и од донесување на интерни праввила во медиумите за употребата на ВИ.
Токму Ламески е еден од членовите на работната група што во септември 2021 година требаше да почне со изработка на Национална стратегија по иницијатива на Фондот за техолошки и иновациски развој (ФИТР). Но освен првчните средби идејата остана само парче хартија и Ламески не знае да каже што се случи со неа.
„Мое мислење е дека развојот на националната стратегија и регулација на ВИ ќе се развива во оваа насока. Сепак, според мене, нас ни е потребна различна стратегија од онаа на ЕУ. Целта на нашата национална стратегија би требало да биде рапиден развој на ВИ во нашата домашна индустрија, наместо зголемена регулација“, смета Ламески.
Наспроти ова, новинарите ширум светот сметаат дека регулацијата е прв чекор во заштитата од (зло)употреба на вештачката интелегенција.
Вештачката интелигенција (ВИ) е многу добра и корисна алатка, но истовремено е и многу опасна доколку падне во погрешни раце, согласни се новинарите, кои кон крајот на мај годинава се собраа на заедничка маса на Светскиот конгрес во Виена, Австрија, во организација на Меѓународниот прес институт (ИПИ).
Ние не треба да се плашиме од вештачката интелегенција сѐ додека ги штитиме човековите права, вели извршниот директор на Меѓународниот прес институт Фране Мароeвиќ. За него не е спорно дека вештачката интелегенција може и треба да се регулира.
„Се разбира дека вештачката интелегенција може да биде регулирана. Сѐ зависи од тоа како ќе пристапите кон тој процес. Некои сметаат дека треба да се регулира употребата на алгоритмите некои пак велат дека треба да се регулираат ефектите од работата на алгоритмите. И сега постојат некои правила за регулација но технологијата се менува па така и регулацијата мора да се менува. Она што е најважно е дека регулацијата мора да се темели на заштита на човековите права“, вели Мароевиќ.
И додека не биде изгласан првиот сеопфатен и целосен закон на ЕУ за употребата на вештачката интелегенција, експертите препорачуваат новинарите да се придржуваат до препораките на УНЕСКО, релевантните светски медиуми кои воспоставуваат свои интерни првила за работа со вештачката интелегенција и до Етичкиот кодекс на новинарите како универзална декларација.